ГРАДЕЊЕ НА КОНКУРЕНТНИТЕ СПОСОБНОСТИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ НА ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР ПРЕКУ ПРОЕКТОТ „ПАЗАРНО ОРИЕНТИРАНИ ВЕШТИНИ ЗА ОДРЖЛИВО ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНО ГРАДЕЊЕ“ (ТРАИНЕЕ)

10.9Како поддршка на градежниот сектор, а во насока на градење на капацитетите   на вработените во градежниот сектор за имплементирање на параметрите за енергетска ефикасност во градбите започна со реализација Проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ (ТРАИНЕЕ) кој се реализира во рамките на Европската програма „Хоризонт 2020“.  

 

-Активностите на Проектот се планирани во повеќе области со цел постигнување поголем број од резултатите предвидени да се постигнат со реализација на повикот. Така, еден сегмент на дејствување е кон натамошно подобрување на вештините на градежните работници за градење енергетски ефикасни објекти преку обука и преквалификации, со цел да се постигнат параметрите на ЕУ „Стратегијата 2020“ за енергетска ефикасност. Во таа смисла, Проектот „ТРАИНЕЕ“ ги надградува веќе постигнатите резултати во претходните два проекта - „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност 2014-2016“ и „Градење на вештини за енергетска ефикасност 2012-2013“, со развој на тренинг шеми и проширување на обуките и на градежните професионалци - архитекти, инженери и техничари, - истакна Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанската комора на Македонија, на прес-конференцијата на Комората (10.9.2018 година).

Преку активности во рамките на Проектот ќе се иницира прифаќање на надградените вештини на градежните работници од страна на пазарот преку остварување соработка со различни професионални групи. Една од задачите е поттикнување на потребата од користење на квалификувана работна сила во градежништвото со предлози за корекција на легислативата, во насока на исполнување на стандардите зацртани со Правилникот за енергетски карактеристики на градби.

- За да се зголеми бројот на енергетски ефикасни згради во Македонија и тој процес да стане одржлив, потребно е да има обучена работна сила на пазарот на трудот. Затоа, во рамките на Проектот ќе се формира Образовен центар што треба да создаде услови за континуиран процес за обука на работниците, техничарите и инженерите. Исто така, со помош на домашни и странски експерти ќе се развијат обуки за „БИМ“-протоколите (Building Information Modeling), што секако претставува новина кај нас, - истакна проф. д-р Христина Спасевска, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и претседател на Инженерската институција на Македонија.

Градежниот сектор е специфичен по тоа што голем дел од работниците  немаат формално образование или немаат официјални документи за вештините што ги поседуваат. Тоа ги прави компаниите неконкурентни во бизнисот, а работната сила неконкурентна на пазарот на трудот. Она што за нас ќе биде предизвик, е токму да се спроведе препознавање на вештините што ги имаат работниците, техничарите и инженерите преку нивно сертифицирање, како и да се одржат акредитирани обуки што ќе бидат направени во согласност со потребите на инвеститорите, градежните компании и професионалните организации. 

Сертифицираните обуки во Образовниот центар ќе се развијат за сите занимања во градежниот сектор, како и за сите нивоа на квалификации, од работници до инженери, тоа се околу 10 занимања, кои би требало да ги надградат своите знаења за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, особено од делот на искористување на сончевата енергија. Се очекува, во рамките на Проектот, низ овие обуки да поминат околу 500 професионалци, и тоа 150 техничари, 80 градежни инженери, 20 проектанти на фотоволтаични системи и сончеви топлински колектори и 250 работници. 

Методологијата за препознавање на нивните знаења и вештини во претходните проекти веќе беше спроведена на околу 1100 работници од градежниот сектор. Сега оваа методологија ќе се развие и за инженерите. Македонија е земја лидер во регионот со спроведување на методологија за препознавање на знаења и вештини, а нашите искуства се цитирани и на европско ниво.

Ќе се организираат 35 сесии за препознавање на знаења и вештини каде ќе вклучат околу 200 компании и 10 образовни институции. За зголемување на видливоста ќе се направи листа на сертифицирани обуки и јавно достапен регистар на 10 провајдери на обуки, 240 сертифицирани тренери, 80 сертифицирани инженери и околу 1500 техничари и работници. За промовирање на овие активности ќе се организираат две меѓународни работилници и една меѓународна конференција со 100 учесници. 

Со цел да се постигне мултидисциплинарен пристап кај одржливото градење, ќе биде иницирана примената на алатки за информациско моделирање на градби (BIM-building information modeling) на национално ниво. Воведување на примена на информациско моделирање на градби, што е едно од барањата на новите правила за јавни набавки на Европската комисија, во доменот на градежништвото, ќе се спроведе со иницирање широка акција за подигање на свеста кај сите засегнати страни од градежниот сектор (градежните компании, инженерите, архитектите, работниците), но и инвеститорите и одговорните владини институции, како и крајните корисници на објектите, преку низа активности, работилници, семинари и други промотивни настани. Целта е преку примената на „БИМ“-алатките да се прикажат енергетските заштеди кои се резултат од примената на мерки за енергетска ефикасност во процесот на градење.  

„БИМ“ претставува интелигентен процес/платформа за соработка и централно проектирање, моделирање, планирање во архитектурата, градежништвото и другите инженерски фази. „БИМ“-процесот го развива градежниот објект во 3Д-модел, каде потоа сите учесници во Проектот можат да придонесуваат, вметнуваат нивни проекти, да анализираат и да пресметуваат трошоци. „БИМ“-процесот го разгледува градежниот објект во текот на целиот негов животен циклус и на тој начин се добиваат големи придобивки од неговото користење. Во рамките на активностите ќе бидат вклучени околу 30 заинтересирани компании кои ќе добијат едукација и конкретни насоки за имплементација на „БИМ“.

- Проценето е од досегашното искуство дека со имплементација на „БИМ“-процесот при градењето, можат да се достигнат значителни финансиски заштеди, во висина од 15-25% од севкупната инвестициска вредност на објектот, - истакна Игор Панчевски, експерт за енергетска ефикасност од „ЗБК Креација“. 

По теркот на Англија и Холандија и Европската комисија работи на промена на  легислативата за јавни набавки.   
            Проектот ќе пилотира две студии на случај, каде ќе бидат земени 4 згради на кои ќе се имплементира „БИМ“-процесот и дел од „БИМ“-алатките кои дополнително ќе се развијат за време на Проектот.